
Со приготвување на вкусен десерт учениците од средното училиште „Коле Нехтенин“ – Штип им посакаа топло добредојде на учениците од Центарот за лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Штип кои беа нивни гости. Во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 декември, преку денешната активност се испрати силна порака покажувајќи се дека сите се исти.
„Во пресрет на трети декември, Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби денеска наши гости се членовите на здружението „Порака“. Денеска всушност ние испраќаме една силна порака до светот, до сите деца, до сите возрасни, дека иако различни ние сепак сме исти и не трреба да постојат поделби по ниту една основа. Нашите ученици подготвија вкусен десерт кој го послужија на нашите гости и заедно ќе споделиме многу љубов и радост“ – кажа Шалева.
Задоволни од пречекот беа и гостите од центарот „Порака“. Велат дека со денешната посета оствариле дружба со средношколците од средното училиште Коле Нехтенин, а виделе и на кој начин тие приготвуваат палачинки.
„Ние од нашиот центар видовме како се приготвуваат палачинките. Преку видео запис видовме како во Кипар нашите ученици од Штип и се преставија со македонски специјалитети“ – додаде Андонов.
Трети декември секоја година се одбележува како Меѓународен ден на лицата со попречености.
Лаура Стојанова М-Нет