
Завршено уредувањето на уште едно игралиште во населбата Сењак 4. Спортско – рекреативното катче денес беше отворено од страна на градоначалникот, Иван Јорданов, кој истакна дека просторот е направен за сите генерации со неколку спортски содржини.
„Се наоѓаме во населбата Сењак 4, на локацијата којашто пред година дена беше запоставена. Одлучивме во изминатите недели да направиме нешто различно и поинакво за жителите од оваа населба, за младите и за возрасните. Направивме неколку спортски содржини, специјализирана подлога за баскет, вештачка трева за мал фудбал, го оградивме игралиштето, поставивме детски реквизити, целосно е осветлено за содржините да може да се користат и навечер. Ова е нешто малку, што верувам дека многу ќе значи за овдешните жители“, истакна градоначалникот, Иван Јорданов.

Во насока на зачувување на ваквите спортско – рекреативни катчиња, Јорданов уште еднаш апелираше на совесност од граѓаните, но исто така најави и поставување камери за што поголема заштита на новите содржини кои се уредуваат во градот.
„Се надевам дека сите овие содржини, коишто ги поставуваме во населбите, ќе бидат сочувани. Во име на тоа, на сите спортски игралишта и катчиња ќе бидат поставени и камери со цел да бидат сочувани и да се спречи уништувањето, коешто последователно ни се случува во последно време. Ја користам оваа прилика уште еднаш да апелирам до нашите сограѓани – совесно да ги користат сите реквизити, сите добра, сите спортски содржини коишто ги правиме за да бидат подолго време користени“, додаде Јорданов.
Инвестицијата за спортско – рекреативното игралиште во населбата Сењак 4 е вредна 700.000 денари, пари обезбедени од општинскиот буџет.
Ребека Спасова М-Нет