Реприза на Куп-финалето од 2005 – Башкими домаќин на Маџари, БВК Коњаре фаворит против Студена Вода

Утре ќе бидат одиграни натпреварите од 14. коло од Третата македонска фудбалска лига – Север.

14-тата рунда ни носи реприза на Куп финалето од 2005 година кога Башкими со 2:1 славеше над Маџари Солидарност и го освои Купот на Македонија. Тогаш Маџари пред околу 10.000 гледачи прв дојде во водство уште во 11. минута со голот на Алексовски, но во вториот дел Пресилски беше херојот на Башкими, кој најпрво погоди за 1:1 во 78. минута, а во 92. минута со втор погодок ја обезбеди историската Куп-титула за Башкими.

Но, утре, Башкими ќе важи за голем фаворит во борбата за целиот „плен“. Лидерот од Куманово игра допадлив фудбал и со одличн резултати „гази“ кон баражот кој води во Втора лига.

Маџари е на деветото место на табелата со 18 бодови и утре за овој тим се освен пораз ќе биде позитивен исход од тешкото гостување.

Фортуна на домашен терен ќе го пречека тимот на Беса Влазрими, во меч каде трите бодови се голем императив и за едните и за другите. ССК Нова и Петровец играат дуел како екипи од средишниот дел на табелата. Домашниот тим посакува петто сезонско славје со што би можеле да напредуваат на табелата, во иста ситуација е и Петровец.

Второпласираниот БВК Коњаре против Студена Вода сака нов триумф и продолжување на победничката серија, а со тоа да го напаѓа врвот каде што е Башкими. БВК има само три бода негавати во однос на лидерот, па поголем мотив за победа и продолжување на притисокот за местото кое води во бараж за Втора лига нема.

Некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ и Раштак во една слична ситуација на табелата посакуваат победа за да побегнат кон средишниот дел од табелата, додека пак Риниа ќе го пречека ланскиот второлигаш Кадино, кој ќе има улога на фаворит.

Дерби од дното на табелата ќе играат Волково и Илинден. Домашната екипа е единствена која во Трета лига – Север нема триумф, па утре против Илинден ќе атакува на прво сезонско славје и можност да направи прогрес на табелата од едно место, односно да го прескокне Илиден. Од друга страна, Илинден има идеална шанса доколку го грабне целиот „плен“ да се израмни на табелата со Риниа и со тоа да направи исчекор во битката за сигурен опстанок.

Интересен дуел за трите бодови ќе има и меѓу Башкими Љуботен и Аеродром, две екипи кои играат во една слична форма, а бодовно се блиску една до друга на табелата, па би требало да очекуваме еден израмнет меч.

  • Делегирани судии 14. коло ТМФЛ – Север:

Фортуна – Беса Влазрими, Виктор Јанчевски (Скопје)
ССК Нова – Петровец, Никола Петковски (Куманово)
БВК Коњаре – Студена Вода, Дејан Младеновски (Скопје)
Еуромилк ГЛ – Раштак, Слободан Боцевски (Скопје)
Риниа – Кадино, Бењамин Ќерими (Скопје)
Волково – Илинден, Никола Костенчев (Скопје)
Башкими Љуботен – Аеродром, Методија Ставров (Скопје)
Башкими – Маџари Солидарност, Или Никодиноски (Скопје)

Сите натпревари ќе започнат во 13:30 часот.