Граѓаните песимисти за решавање на проблемите со ниски пензии и високи цени на производите

До март 2023 година, со новата методологија пензиите треба да бидат покачени за 16%, истакна пред неколку дена премиерот Ковачевски. Според него, досегашниот раст на пензиите во државата покажува дека Владата се грижи за стандардот на граѓаните, ама на терен пензионерите не го делат истото мислење. Велат дека покачувањето не се ни чувствува со 10 илјади денари пензија, само гледаат, а не можат да си дозволат и да купат. До март наредната година велат можеби пензиите ќе пораснат ама тоа е минимално според нив и не доволно.

„Јас во тоа не верувам и да ги качат, качат ги ептен малку, само го залажуваат народот со тие мали пензии. Треба да се покачат пензиите, барем да можеме ние пензионерите да живееме, иначе со 10 илјади живот нема. Излезеш на пазарот што ќе купеш, роба има сѐ ама парите слаби, пензиите мали и колку имаш пари – толку купуваш.“

Од друга страна граѓаните сѐ уште во целост не ги чувствуваат ниту најавените пониски цени на основните производи за живот. Леб, млеко, месо според нив се продаваат по цена како досегашната.

Од страна на Владата неколкупати посочија дека со новите мерки кој се воведуваат, како единствена цена за електрична енергија на фирмите, се чувствува намалување на цените на прозиводите. Од таму посочуваат дека се свесни за ситуацијата во државата со ниски примања, а високи цени, но уверуваат дека се работи и дека ова ќе биде надминето благодарение на пакет мерките кои постојано се воведуваат во државата.

Лаура Стојанова М-Нет