Карбинското претпријатие сѐ уште работи со блокирана сметка, се водат преговори за деблокирање

Сметката на карбинското ЈП „Плачковица“ е блокирана повеќе од шест месеца поради задоцнети обврски кон една од фирмите. Иако менаџерскиот тим на Претпријатието преговара со фирмата, повеќе месеца се работи со финансиски потешкотии. Директорката, Елена Коцева, се надева оти проблемот ќе биде решен до крајот на годинава.

„Во преговори сме со фирмата од којашто сме блокирани за деблокада на сметката, а со самото тоа ќе се нормализира и финансиското работење. Се надеваме дека преговорите ќе одат во позабрзано темпо и се надеваме дека истото ќе се случи во оваа календарска година“, вели Коцева.

Нормалното функционирање и по толку месеца, не е доведено во прашање, заклучува Коцева. Граѓаните редовно ги добиваат сите услуги од страна на претпријатието, единствено платите на вработените доцнат со неколку дена.

„Сметката на ЈП „Плачковица“ е блокирана веќе неколку месеца и со самото тоа е отежнато финансиското работење на Претрпијатието. Меѓутоа, тоа не го доведува во прашање нормалното функционирање на истото, плаќањата кон нашите соработници, а и жителите на општина Карбинци редовно ги добиваат нашите услуги, како што се водоснабдување, изѓубрување и одржување на јавните површини. Платите на вработените сега засега се исплаќаат со минимално задоцнување од неколку дена“, додава Коцева.

ЈП „Плачковица“ и онака „плива“ во долгови. Новата локална власт го наследи со 20 милиони денари, од кои нешто повеќе од 15 милиони беа само по основ на потрошена електрична енергија. Општината, пак, која пред неколку години исто така беше со блокирана сметка, минатата година овој период должеше нешто повеќе од 16 милиони кон вршителите на градежни активности.

Ребека Спасова М-Нет