
Срцето ме боли кога ќе поминам и ќе видам дека кочината е празна, свињи нема. Вака чичко Љубомир од кочанското село Видовиште ја опишува болката откако му ги уништиле свињите, заради појавата на африканската свинска чума. Имал осум, сега нема ниту една.
„Чувавме ама сега не чуваме, имав осум ама уништив ги, срцето ме боле. За свињие најмногу ми е криво. Сега имаме месо, ама ќе однемаме. Јас како сум роден цело време свињи чувам и сакам да си чувам.“ – вели Цветков.
Идентична е судбината и на неговиот соселанец Блажо. Тој раскажува како додека не бил дома му ги уништиле свињите. Сега како што вели нема потреба ниту да сее, не одлгедува свињи, па не се знае ниту како ќе се преживува со ваквиот висок стандард во општеството.
„Да бев дома немаше да дозволам на тој начин да бидат уништени свињите. Ќе барав адреса на инспектор, ќе барав да ми кажат кој ги упати за да ги уништат свињите. По мое тоа не е леглано никако, јас да неписмен сум, ама на тој начин не. Тоа е исто како да отидам на некого да го убијам детето на мислост и немилост.“ – вели Митревски.
Откако свињите се уништени обештетување сѐ уште нема. Одлегдувачите се загрижени за сопствената егзистенција, а непознато им е и од кога ќе може повторно да чуваат свињи за сопствена употреба.
„Не. Запишаа, побараа сметка, поднесовме барање ама уште нема нитшо. Сега нема ниту да ораме, ниту да сееме, зошто да работиме. Ние од тоа живеевме, одгледувавме свињи една – две, и така.“ – додава Митревски.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) сопштија дека се врши административна и теренска проверка на поднесените барања за обесштетување на одгледувачите. Во моментот се спроведува обработка на предметите за надомест. По спроведување на сите проверки, ќе почне исплатата. Истакнаа дека активни случаи кај питомата популација свињи, по последниот случај во кумановско, на целата територија на држава засега нема. Според последната статистика на АХВ со мерката депопулација, од почетокот на годината досега се опфатени вкупно 4443 свињи, при што еутаназирани се вкупно 3863 свињи од заштитните зони, додека на колење се испратени од зоните под надзор вкупно 580 свињи.
Лаура Стојанова М-Нет