
Можност за рекламирање има на стотина рекламни табли, односно билборди поставени на територија на општина Штип. За такво нешто се избира локација и се одредува како билбордите ќе изгледаат, а потоа истото како барање се поднесува до Општина Штип, која одобрува поставување опрема за рекламирање на јавни места. Барателот плаќа административна и комунална такса и надоместок за издавање, а потоа може да издава и на други корисници. Кој сѐ може да постави билборд и кој може да се рекламира прашавме во Општина Штип?
„Доколку одредена фирма или правно лице сака да постави билборд на општинските јавни патишта во општина Штип поднесува барање коешто го има на нашата веб-страна, коешто може да го симнат и заедно со него ни доставуваат скица за тоа како ќе изгледаат билбордите и наведена локација каде сакаат истите да бидат поставени. Може да постави секое правно лице коешто сака да се рекламира и маркетинг фирми коишто поставуваат билборди и истите понатаму ги издаваат на други правни субјекти“, истакна Санела Петрова, соработник во Одделение за комунални дејности при О. Штип.
На територија на општина Штип има поставено стотина билборди на повеќе локации, меѓутоа оној кој ги поставил има можност и да ја промени локацијата. Висината на надоместокот за изнајмувањето е одлука на Советот на Општина Штип.
„На територијата на општина Штип имаме околу стотина, можеби, и повеќе поставени билборди, со што имаме и опција за во иднина да бидат поставени и на други локации. Висината на надоместокот којшто се плаќа за изнајмувањето на билбордите се донесува со одлука на Советот на Општина Штип“, додава Петрова.
Во програмата за поставување урбана опрема стои дека самостоечките рекламни паноа се поставуваат на пешачки и зелени површини во профилот на сообраќајниците, а донесена е Одлука за утврдување на висината на надоместоците што се плаќаат за користење на општинските јавни патишта и Одлука за начинот и постапката за поставување опрема за рекламирање на територијата на општина Штип, кои се објавени во Службен гласник на Општината. Согласно со тие одлуки, надоместокот за поставување натписи и рекламни табли од едната страна е 4.000 денари годишно за површина до 1м2, 10.000 денари за површина од 1,1м2 до 3,75м2 и 15.000 денари годишно за површина над 3,76 м2. Годишните цени се зголемуваат за 20% ако опремата за рекламирање е наменета за издавање на други корисници. Доколку, пак, рекламната табла се користи од ист субјект за рекламирање од две страни се плаќа дополнителен надоместок во висина од 50% од цената.
Ребека Спасова М-Нет