
На 13 ноември оризопроизводителите од кочанско повторно излегуваат на протест. Барањата остануваат исти, производуваат храна и бараат соодветно да бидат платени за тоа. Велат протестот овој пат ќе биде најмасовен, со блокада на двете коловозни ленти, најверојатно на неколку пункта на регионалниот пат Кочани – Штип. Очекуваат и присуство од надлежните бидејќи нивните проблеми кои се провлекуваат со години мора да бидат надминати и да се решат.
„Протестот ќе се одржи на 13.11.2022 ден недела. Ние неколкупати излегуваме на протест, но додека не се дојде до договор ситуацијата во земјоделието и производството не е добра. Нови давачки, ново осигурување. Овој пат ќе бидеме одлучни и с е додека не дојде премирот да ги слушне проблемите на оризарите, половина од нивите ќе останат празни“ – вели Арсов.
Арсов во оваа прилика ги повика сите земјоделци да дадат поддршка и да излезат на протест. Со тоа да се истакне важноста за решавање на проблемите на оризопроизводителите од кочанско.
„Блокадите ќе бидат на неопределено време и со блокада на двете коловозни ленти. Ние го имаме допрено дното. Ги повикувам земјоделците од цела Македонија да ни се приклучат“ – додаде Арсов.
Протестите беа ставени во мирување за да се собере родот од жетвата. Ако барањата не се исполнат сеидбата на пченица и пченка се става под знак прашалник.
Лаура Стојанова М-Нет