Бизнис секторот очекува мерки од Владата, велат – им претстои неизвесна зима

Бизнис секторот очекува неизвесна зима, иако цената на струјата на светските берзи во моментов ја оценуваат како добра. Движејќи се од 250, на моменти и до 150 евра засега е задоволителна за компаниите, но Ангел Димитров од Организација на работодавачи и Кирил Нашков, претставник на штипските текстилни конфекции во Кластерот за текстил, велат дека ризикот им доаѓа по Нова година.

„Јас мислам дека тука треба да се направат добри анализи по сектори, бидејќи во слична состојба се компаниите и да се виде онаму каде што учеството на електричната енергија во самите трошоци на компании е драстично големо, бидејќи ако тоа лани на пример било 10 посто, сега ќе биде 40 посто во вкупните трошоци. На таквите компании треба да се помогне. На компаниите на кои учеството им било еден или два проценти, сега ќе дојде да речеме пет или шест проценти мислам дека ќе можат и самите да го изнесат тај товар“ вели Димитров.

Нашков додава дека е нормално бизнис секторот да бара мерка повеќе и дека секоја помош е добра за стопанството, а особено за нив како текстилен сектор. Посочи дека текстилните компании во моментов имаат нарачки од страна на странските партнери, но истакна дека се зависи од моќноста на партнерите, колку можат да ја зголемуваат цената на производите.

„Нормално е ние да секогаш бараме мерка повеќе за помош, бидејќи ситуацијата е алармантна, колку ќе успееме тоа да им го претставиме на Владата, ние како текстилна индустрија, но и останатите индустрии, а и колку Владата и државата се моќни да ни помогнат, тоа е прашање на договори и можности. Цените со партнерите ги менуваме веќе на месечно, а не на годишно ниво и тие што имаат такви партнери, што можат да ги следат ќе бидат во по поволна ситуација. Но ситуацијата и на запад е иста и таму луѓето, фирмите се борат“ вели Нашков.

Цената на производите во споредба со лани, вели Нашков, е зголемена за околу 30%, но цените сѐ уште се подложни на промени поради нестабилноста на пазарот со струја. Димитров, пак, заклучува дека Владата никогаш не вели не на барањата за помош. Тие како организација на работодавачи поднеле и писмено барање за одредени субвенции, што било разгледувано и на Економско – социјалниот совет.

Ребека Спасова М-Нет