
Средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во Штип ќе добие целосно уредено и реконструирано спортско игралиште. Активноста е во насока на подобрување на условите во средните училишта, а се реализира по целосната промена на системот за парно греење во ова училиште. Според градоначалникот, Јорданов, само во оваа година во медицинското училиште има неколку инвестиции, а инвестирањето ќе продолжи и во следниот период.
„Се наоѓаме во дворот на средното медицинско училиште „Јане Сандански“, овде започнуваме со изградба на едно повеќенаменско, спортско игралиште за баскет и мал фудбал, со партерно уредување, целосно оградување и осветлување на истото. Веднаш по завршување на овие градежни активности, коишто денес започнуваат, се планира да се промени целата заштитна ограда на ова средно училиште. Во разговор со директорката, во изминатите месеца е завршена и реконструкцијата на системот за парно греење и она што се планира во наредниот период е следни активности во насока на подобрување на условите“, истакна градоначалникот Јорданов.

Според директорката на медицинското училиште, Марија Николиќ, реализираните проекти се од клучно значење, а реконструкцијата на игралиштето е во насока на промоција на здрав живот.
„Чест ми е што за краток временски период, како директор на училиштето, успеав да реализирам два клучни проекта, коишто се важни за нашето училиште. Денес со реконструкција на спортското игралиште, промовираме здрав начин на живот на младите. Тоа ќе биде во функција на нашите ученици, но и на целата општествена заедница“, истакна директорката Николиќ.
Промената на системот за парно греење во СОУ „Јане Сандански“ е во вредност од 2,5 милиони денари, реконструкцијата на игралиштето е во износ од 2 милиони денари, а за промената на заштитната ограда ќе се искористат половина милион денари.
Ребека Спасова М-Нет