31-годишникот кој вчера крадеше во Пробиштип имал извршено уште 13 кривични дела

Уште 13 кривични дела има извршено едно од двете лица од Пробиштип кои вчера беа затекнати при „тешка кражба“ во објект во изградба. 31-годишниот Р.П. извршил уште 11 кражби и две други кривични дела. За делата кои ги расчистиле полициските службениците на 31-годишникот одредена му е мерка притвор.

„По преземени мерки, полициските службеници расчистиле уште 13 кривични дела за кои постои основи на сомнение дека се извршени од Р.П.(31) од Пробиштип. Во службен разговор во Полициската станица Пробиштип тој признал дека во периодот од јули 2022 до октомври 2022 година на подрачјето на ОВР Пробиштип извршил 11 кривични дела „тешка кражба“ со кои сe оштетени четири правни и две физички лица од Пробиштип, едно кривично дело „загрозување на сигурноста“ извршено врз работник од обезбедување во рудник и едно кривично дело „овозможување на употреба на наркотични дроги“. Дел од украдените предмети се пронајдени, одземени и вратени на оштетените. На 05.10.2022, против Р.П. до ОЈО Штип е поднесена кривична пријава, а од Судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор и е спроведен во затвор Куманово“, истакна портпаролот на СВР Штип, Гордана Панајотова.

Инаку 31-годишниот Р.П. заедно со уште едно лице со иницијали Д.С. на 34 години од Пробиштип вчера беа затекнати при вршење „тешка кражба“ во објект во изградба на ул. „Јаким Стојковски“ во Пробиштип. Украдените предмети беа одземени и пронајдени при преглед токму кај лицето со иницијали Р.П.

Ребека Спасова М-Нет