Како специјалните едукатори работат со децата со попречености во основните училишта?

Децата со посебни образовни потреби активно се вклучени и во образовниот процес. Со волја и работа специјално едуцирани наставници може и кај нив да поттикнат добри резултати во однос на нивните едукација и развој. Борче Петровски е дефектолог во ООУ „Ванчо Прке“ во Штип, каде, според него, со заедничка работа меѓу наставникот и ученикот се постигнуваат поставените цели. Пред сѐ, клучно е да се знае потребата на секое дете и програмата да се прилагоди согласно со неговите потреби.

„Секое дете е различно. Посетуваат настава, којашто се изведува по адаптирана програма. Наставникот, односно специјалниот едукатор и рехабилитатор при работата со овие деца наставните содржини ги приспособува според можностите и способностите, како и потребите на самите деца. Сето ова е во насока на тоа да се постигнат поставените цели од страна на ученикот“, истакна Петровски.


Работа на компјутери и друга технологија, како и цртање и сликање на хартија се дел од активностите кои се изучуваат и реализираат во рамки на часовите. Технологијата овозможува подобрување на развојот, а цртањето можност децата да ги искажат своите чувства. Цртањето не е тешко, вели Петровски, со едно покажување децата успешно ги совладуваат техниките.

„Дечињата со помош од страна на стручни лица работат и на технологии, за нив во нашето училиште во соработка со разни здруженија имаме обезбедено технологија, којашто го потпомага нивното работење, се овозможува да се научат да работат на компјутер и со тоа го подобруваат својот развој. Овие дечиња работат со помош од страна на лице. Тие се многу среќни кога цртаат, кога творат, тоа ги прави многу среќни, ги буди емоции, преку цртежот се изразуваат, творат“, додава Петровски.


Лицата со попречености се застапени во секое училиште со самите измени во Законот за основно образование. Секое дете од страна на Ресорниот центар добива поддршка и помош, а неодамна во ООУ „Димитар Влахов“ беше отворена и сензорна соба, чија цел е децата со попреченост да се вклучат и да учат заедно со останатите деца во училиштето.

Ребека Спасова М-Нет