Дечињата од градинката „Вера Циривири – Трена“ во Штип подготвуваа штипска пастрмалија

Дечињата од детската градинка „Вера Циривири – Трена“ во Штип се вклучија во одбележувањето на манифестацијата „Пастрмалијада“. На креативна работилница, персоналот, воспитувачките и негувателките заедно со дечињата од сите групи правеа пастрмалии од различен материјал. Според директорката, Ивана Ангеличкова, ваквата активност е со цел да се зачува традицијата.

„Денес е почетокот на сезоната на подготвување и консумирање на штипската пастрмалија, на нашиот бренд во Штип по којшто сме познати. Знаеме дека денес е и отворањето на манифестацијата „Штипска пастрмалијада“, па затоа ние со дечињата од детската градинка ја негуваме традицијата за подготовка на нашиот бренд по којшто сме познати и сите дечиња се вклучени во активноста за изработка на штипска пастрмалија. Согласно со возрасните групи ќе употребат различни техники и се надеваме дека еден ден од овие деца ќе има готвачи кои ќе ни подготвуваат пастрмалија“, истакна Ангеличкова.

Ваквата активност традиционално секоја година се реализира во четирите објекта кои работат во состав на установата, „Другарче“, „Развигорче“, „Росица“ и „Пчелка“. Како што вели директорката Ангеличкова, оваа и сличните вакви активности се со цел децата да се анимираат и научат на вистински вредности, а родителите да бидат запознаени со воспитно – образовниот процес во градинката.

Ребека Спасова М-Нет