Градоначалникот со покана: Бидете дел од манифестацијата „Пастрмалијада 2022“ во Штип

14. издание на добропознатата манифестација „Пастрмалијада“ вечерва свечено ќе се отвори. Сѐ е подготвено за добра музика и забава по двегодишната пауза, а според градоначалникот Јорданов, Штип и овојпат како центар на Истокот ќе се претстави во најдобро светло и ќе го претстави штипскиот специјалитет пастрмалија. Јорданов ги повика штипјани, но и граѓаните на останатите градови од државата да бидат дел од Манифестацијата.

„Вечерва започнува добропознатата манифестација „Пастрмалијада 2022“, којашто како традиција продолжува по две години пауза. На најдобар начин ќе го презентираме штипскиот бренд пастрмалија, ќе понудиме добра забава, добра програма за да анимираме гости од околните градови, од градот Скопје, да бидат присутни во Штип. Сите подготовки се веќе завршени, сѐ е спремно да започне најмасовната манифестација во Истокот. Ја користам оваа прилика да ги повикам нашите сограѓани и сите гледачи на М-Нет Телевизија да ја проследат оваа манифестација, да бидат дел од овој настан, затоа што нудиме добра забава и највкусна штипска пастрмалија“, порача Јорданов.

За манифестацијата последните подготовки ги реализираат и угостителите кои веќе ги поставија своите штандови на добропознатата локација, кај крстосницата Дујле. За гостите се подготвува и штипската пастрмалија, чија цена оваа година е утврдена на 190 денари.

Вечерва програмата започнува со настапот на DJ BAZZ во 19 часот, по што ќе следи отворање Манифестацијата и обраќање на градоначалникот Иван Јорданов во 20 часот. Џиновската пастрмалија ќе биде пресечена во 20:30 часот, за потоа од 20:40 часот да започне настапот на ДНК. Од 22 до 23 часот присутните ќе може да уживаат во настапот на Џамбо Агушев. Настапот на вечерашната ѕвезда, Јелена Розга, ќе започне во 23:20 часот. Програмата вечерва завршува со настапот на DJ Tasev и DJ Goldie, кој ќе започне од 1 часот и ќе трае до 02:30 часот.

Програмата за овогодинешната штипска Пастрмалијада ќе продолжи утре, кога главна ѕвезда на вечерта ќе биде Тони Цетински.

Ребека Спасова М-Нет