Се асфалтираат три спортски игралишта на територија на општина Карбинци

Со асфалтирање на спортско игралиште во с. Крупиште се реализираат завршните активности од проектот за спорт и рекреација во општина Карбинци. Првиот од трите спортски терени се наоѓа во склоп на ПУ „Страшо Пинџур“ во с. Крупиште, каде денес се поставуваше асфалтна маса. Второто спортско игралиште, пак, е во село Карбинци веднаш до постоечкиот зелен стадион, а асфалтна површина ќе добие и с. Кучица. Таму, бидејќи станува збор за планински предел, асфалтната површина ќе служи за рекреација, но и за одвивање на традиционални свечености и обичаи на жителите, што е на нивно барање.

„Денес продолжуваме со градежните активности овде во општина Карбинци. Имено, денес асфалтираме два спортски објекта коишто претходно ги најавивме. Во овој момент сме во с. Крупиште, го завршуваме ова мало спортско игралиште во рамките на училишниот двор. Понатаму продолжуваме во с. Карбинци, оној втор објект којшто го реконструираме, исто така мало спортско игралиште. А во текот на утрешниот ден ќе продолжиме и на оној трет објект, а тоа е асфалтна површина во с. Кучица во плачковичкиот дел. Со овој проект се надевам дека ќе ги подобриме можностите за спорт и рекреација, а издвоивме 3.000.000 денари од буџетот на Општина Карбинци“, истакна Паунов.

Проектот кој е инвестиција вредна 3.000.000 денари започна да се реализира оваа пролет, во месец мај. Според градоначалникот Паунов, ваквите проекти треба да ги подобрат спортските можности во населените места на територија на општина Карбинци и со тоа да бидат од корист на жителите.

Ребека Спасова М-Нет