
Штип викендов ќе биде центар на збиднувањата со манифестацијата „Пастрмалијада“. На граѓаните од градот, Источниот Регион, но и целата држава ќе им понуди богата уметничка програма со добра музика и вкусна храна. Програмата предвидува музика за сите, поради што дел од истата се главните гости Јелена Розга и Тони Цетински, но и локални „диџеи“ за помладите. Традиционално и оваа година ќе се реализираат активностите „Џиновска пастрмалија“ и натпреварот во брзо јадење пастрмалија. Отворањето е во петок во 19 часот.
„Настанот ќе го отвори градоначалникот како покровител и организатор на оваа манифестација. Ќе следува промоција на џиновската пастрмалија, а потоа почнува уметничкиот дел со гостите“, вели Александар Арсовски, одговорно лице за Манифестацијата.
Општината како организатор вели дека речиси сѐ е подготвено за „Штипска пастрмалијада“, која на добропознатата локација кај крстосницата Дујле се враќа по двегодишна пандемиска пауза. Очекуваат голем број гости, а интерес има и од страна на угостителите.
„Општината ги привршува подготовките околу овогодишнешната манифестација „Пастрмалијада“, сите подготовки течат непречено без никакви проблеми. Се очекува масовна посетеност. Ги повикуваме сите љубители на добра забава и вкусна пастрмалија да повелат заедно да уживаме во овој настан. Има интерес и од угостителите, тоа е доволен репер дека посетеноста треба да биде солидна“, додава Арсовски.
Центар на добра музика и храна Штип ќе биде по 14. пат. Последното 13. издание на манифестацијата „Пастрмалијада“ се одржа во 2019 година. За оваа година Општината и угостителите утврдија цена од 190 денари за специјалитетот пастрмалија.
Ребека Спасова М-Нет