Одгледувачите на свињи излегоа на мирен протест, незадоволни од одлуката за депопулација

Одгледувачите на свињи од Малешевијата денес излегоа на мирен протест. По одлуката од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство до 20 октомври да се уништат сите домашни свињи, одгледувачите својот револт го искажаа на улица. Поголем дел од нив свињи одгледуваат за исхрана, па ваквата одлука им ја става под знак прашалник понатамошната егзистенција.

„Собраме се ние сите, закажаме штрајк. И денеска ветиринарните инспектори се сите на терен, ногу работат. Донесеа ни, полицијата ни соопштија дека одлуката е сменета за да не ни ги зимат свињите“, вели Александар Мачински.

Организаторите на протестот додаваат дека иако ги поканиле надлежните да ја образложат одлуката, сепак нивно присуство нема. Ситуацијата е лоша за сите, велат, а свињите непотребно ги колат, бидејќи во нивниот регион нема заразени од болеста. Потенцираат дека на нивен грб штетите се огромни.

„Ние добро си поднесовме барање, да дојдат и да ни кажат дали нашата стока е заразена или не. Ако не е заразена, нека ја остават“, вели Димитар Пачарезов.

Тоа што нема претставници од АХВ ги принудува одгледувачите на свињи да го радикализираат протестот. Иако им беше соопштено дека е донесена нова одлука со која се одложува депопулацијата во радиус од 10 километри на територија на Малешевијата, за в петок најавија нов протест со блокирање на повеќе патни правци.

Ребека Спасова М-Нет