Мицкоски: Владата да заборави на коктели и да испрати помош за пожарите во беровско

Власта нека заборави на коктели и нека испрати помош за пожарите во Малешевијата, порача лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од Свети Николе. Според него, во моментов треба барем малку да се заборави на периферните теми и власта да се сврти кон она што е важно и централно за граѓаните во овој момент.

„Ја користам оваа прилика, од овде, од Свети Николе, да предупредам, а воедно и да апелирам до власта, што е можно побрзо да регираат, да заборави на коктелите и трошењето на народните пари на периферни манифестации, да заборави на луксузирањето и тендерите во четири очи барем малку. Сведоци сме во изминативе денови дека имаме еден таков мултимилионски тендер од едно јавно претпријатие. Нека се посветат на тоа што, навистина, им значи на граѓаните, а тоа се пожарите коишто веќе почнуваат во Македонија“, порача Мицкоски.

Како што вели Мицкоски, Општините располагаат со минимални ресурси, па при вакви непогоди итно е потребна помош од државата. Доколку навреме не се реагира, вели тој, штетата ќе биде непроценлива.

„Ни претстои сериозна опасност ако не помогне државата и ако навремено не реагира, може да ни се повтори сценариото од минатата година. Да не бидеме обвинети дека само ги штитиме градоначалниците коишто се од редот на ВМРО – ДПМНЕ, еве, во Берово градоначалник е од редовите на СДСМ. Апелирам до Владата веднаш да испрати тимови и сѐ што е потребно да биде ставено на располагање на општината. Ресурсите со коишто располагаат Општините се, навистина, минимални или незначителни, а штетата којашто ќе се направи може да биде огромна и девастирачка“, додава Мицкоски.

Инаку, во Малешевијата опожарени се 50 хектари во делчевско, а во беровско пожарот сѐ уште не е локализиран.

Ребека Спасова М-Нет