
Во финална фаза реконструкцијата на спортското игралиште во штипската приградска населба Три чешми. Првиот човек на општина Штип, градоначалникот Иван Јорданов, изврши увид на градежните активности, со чие завршување, според него, ќе се подобрат условите за спортување и рекреација од страна на сите рекреативци или спортисти.
„Станува збор за нанесување на специјализирана тартан подлога која што ќе овозможи поквалитетно спортување на сите рекреативци или спортисти кои ќе го користат ова спортско игралиште. Исто така ќе се работи на замена на дотраената ограда, целосно осветлување со нови рефлектори, нови спортски реквизити, нови кошеви и голови, сѐ со цел да имаме една модерна спортска инфраструктура која што ќе ја користат жителите на оваа населба.“

Како што додава Јорданов, сите активности се очекува да бидат завршени веќе во наредната недела, па жителите ќе добијат игралиште кое е опремено со најсовремена подлога. Како и претходните проекти за реконструкција на спортските игралишта, така и овој е реализиран со пари од Општината.
„Станува збор за средства од буџетот на Општина Штип, од парите на граѓаните, ќе продолжиме и во наредниот период во следните населби секаде онаму каде што ја нотиравме потребата за изградба на вакви спортски содржини. Ќе овозможиме граѓаните да ги користат слободните денови и часови за спортување и рекреација.“
Нови спортски игралишта претходно добија населбите Железничка, Баби и Три чешми, а Јорданов најави уште неколку локации на кои ќе се работи на проекти од областа на спортот и рекреацијата.
Ребека Спасова М-Нет