
Со исплата на уште две или три рати, ЈП „Плачковица“ во општина Карбинци ќе се раздолжи на еден од добавувачите на електрична енергија. Долгот од 20 милиони денари, беше за два милиони помал уште пред месец дена, а засега раздолжувањето се одвива без пречка во функционалноста на претпријатието.
„Имаме некаде околу 16 милиони денари. Меѓутоа, со оние спогодби коишто ги направивме со еден од тие добавувачи за износ од околу 300.000 денари, ни преостануваат уште две или три рати за да го исплатиме тој долг“, истакна градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.
Меѓутоа, проблемот со двојно повисоките сметки за електрична енергија продолжува, бидејќи Општината и ЈП сѐ уште немаат избрано нов добавувач. Високите цени придонеле за поништување на првата тендерска постапка, по што распишана е втора. Дали овојпат ќе се потпише договор со нов добавувач, ќе се знае за околу две недели.
„Проблем со високите сметки веќе од месец мај започнува да има, односно тие веќе се зголемени за два или трипати од претходно. Меѓутоа, проблемот е во ЈП „Плачковица“, каде што наследивме над 20 милиони денари долг и веќе раскинат договор за електрична енергија, така што таму се акумулира долгот во делот на електричната енергија. Тендерската постапка за избор на нов добавувач е веќе во процедура. Има уште две недели до отворање на понудите за да видиме каква ќе биде понудата, по што ќе знаеме дали ќе склучиме договор. Една тендерска постапка веќе поништивме поради високите цени, така што сѐ уште сме на слободниот пазар. Ќе видиме во следниот период како ќе заврши новата тендерска постапка“, вели Паунов.
Потрошувачката и високите сметки за електрична енергија треба да ги намали и приклучувањето на ХС Злетовица на кое се работи веќе извесно време. Па во август Карбинци ќе биде една од петте општини за кои е предвидено водоснабдување со Хидросистемот.
„Јас се надевам дека при приклучокот на ХС Злетовица и користењето на онаа вода којашто ќе ја имаме по слободен пат од филтер станицата, ќе се намалат оние трошоци за електрична енергија и полека ќе го стабилизираме и долгот по однос на потрошена електрична енергија“, додава Паунов.
Долговите на Општина Карбинци беа приближно исти како и сумата која стоеше на општинската сметка, а неплатени обврски имаше и кон вршителите на градежни активности.
Ребека Спасова М-Нет