
Субвенциите да бидат врзани со обврската сончогледот да се предаде во преработувачките капацитети и речиси 6.000 денари за принос од два и пол тони се дел од новите мерки кои требда го зголемат производството на сончоглед во Овчеполието и земјава. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, очекува зголемувањето на сончогледови површини да биде двојно и со тоа да се врати состојбата како пред две или три децении.
„Јас со новите политики коишто ги направивме во делот на сончогледот, за којшто ја редефиниравме поддршката, односно субвенциите оваа година ќе бидат врзани со произведен и предаден сончоглед во преработувачките капацитети и со мерките за поддршка на вештачко ѓубриво, исто така од 40%, и користењето на другите мерки, очекувам дуплирање на површините од сончоглед. Очекувам над 10.000 тони производство на сончоглед и континуираност на тие политики во наредните години. Навистина, да го враќаме сончогледот во македонските ниви, да го гледаме насекаде и да го направиме тоа што било и пред 20 – 30 години“, потенцираше Николовски.
Николовски повикува земјоделците да ги користат јавните огласи кои ги распишува ресорното министерство со цел да се зголемат производните површини. Според него, важно е секоја педа земја да биде ставена во функција, и тоа не само со сончоглед, туку и со житни култури.
„Исто така, тука е и мотивирачката субвенција од 5.760 денари ако направат принос од два и пол тони кај сончогледот. Од информациите коишто ги имаме од нашите сектори и од купувачите и преработувачите, знаеме дека и тие очекуваат помеѓу 8.000 – 10.000 тони сончоглед и дуплирани површини. Вкупно 13.000 хектари во моментот се ставени на располагање, подрачните единици продолжуваат да ги детектираат сите КП бројки, да ги завршиме сите процедури и секоја една педа македонска земја да биде ставена во функција на земјоделското производство, а тоа е клучно за стратешките култури, како сончогледот, така и јачменот, пченицата, пченката и останатите житни култури“, додава Николовски.
Инаку, денес од некогашните сончогледови полиња останато е само една четвртина. Земјоделците и претходно стоеја на ставот дека ниската цена и високите трошоци се главна причина за недостигот на сончоглед. Дека одредени субвенции може да го зголемат производството сметаа и тие, но дури наредната година, бидејќи оваа површините веќе беа насејани со житарици.
Ребека Спасова М-Нет