
Нови директори добија и основните училишта „Ванчо Прќе“ и „Гоце Делчев“ во Штип. Од денес наместо Методи Папаров прв човек на училиштето „Ванчо Прќе“ е Кокан Радев. Во училиштето „Гоце Делчев“, пак, Зоран Митев ќе го замени досегашниот директор Трајче Димов.
Митев и Радев се внатрешни решенија, односно долгогодишни наставници во овие училишта. Кокан Радев предава Математика, а Зоран Митев е наставник по Историја.
Како што образложија од Општина Штип, станува збор за промена по истечен мандат. Досегашните директори овие институции ги раководеа четири години, почнувајќи од 13 јуни 2018 година. Новите директори, пак, се со функција вршител на должноста директор, како и останатите досегашни директори назначени од новата власт.
Ова се последните промени на директорските позиции во основните училишта во Штип. Во основните училишта „Славејко Арсов“, „Димитар Влахов“ и „Тошо Арсов“ стануваше збор за депонирање оставка од претходните директори, што беше случај и во сите средни училишта каде имаше промени. Единствено директорот на штипската Гимназија беше променет поради неправилности во работењето. Промена имаше и во една од двете градинки во Штип, каде стануваше збор за истечен мандат. Единствен директор кој сѐ уште не е променет е директорката на детската градинка „Астибо“, Билјана Трајчевска, чиј мандат е до 23 јули годинава.
Ребека Спасова М-Нет