
Штипскиот бренд – манифестацијата „Пастрмалијада“ годинава се враќа на штипските улици. Традиционално и оваа година манифестацијата ќе се одржува во есенските денови, но за локацијата дополнително ќе се одлучува. Во тек е подготовка на програмата, како и преговори со потенцијалните партнери од бизнис – секторот.
„По пауза од неколку години, Општина Штип оваа година планира да ја реализира манифестацијата „Пастрмалијада“ и тоа на 23. и 24 септември. Во текот на овој период веќе се прават планови за тоа кои да бидат изведувачите коишто би настапиле за време на овој настан. Веќе имаме некоја програма за којашто преговараме со потенцијалните изведувачи. Настанот ќе биде дводневен и ќе биде во соработка со бизнис – секторот и сите заинтересирани коишто би сакале да имаат свои штандови. Се’ уште размислуваме за местоположбата и ќе одлучиме која локација ќе биде најсоодветна за оваа година“, истакна Вишна Шорова – Ангелова, секретар на Општина Штип.
Манифестацијата финансиски е поддржана од Општина Штип, но и од потенцијаните партнери на проектот со кои би се постигнал договор.
„Буџетот зависи од бројот на учесници, меѓутоа и Општина Штип во рамките на својот буџет има предвидено финансиски средства за реализација на „Пастрмалијада(та)“, меѓутоа самиот настан ќе се организира во соработка со бизнис – секторот“, додава Шорова – Ангелова.
Изминативе две години позната манифестација не се одржа поради ковид – пандемијата. Ова ќе биде 14. издание, откако во 2019 година се одржа 13. по ред издание.
Ребека Спасова М-Нет