
Изведувачите на проектите во Штип ја надминуваат временската рамка и оставаат недостатоци, констатираше денеска градоналникот, Иван Јорданов. Според него, тротоарските површини и игралиштето во населба Балканска се само дел од примерите за тоа како изведувачите не работат квалитетно, а сето тоа е на штета на граѓаните.
„Нажалост морам да констатирам дека последователно на неколку објекти, на неколку започнати проекти изведувачите имаат надминување на временскиот рок. Во случајот со поставувањето на тротоарските површини има надминување на предвидениот временски рок за поставување на павер елементите. Додека, пак, на други проекти коишто се завршени и финализирани се појавува недостаток на квалитет во изработката. Очигледно е дека не се почитувале одредени правила, а законската обврска предвидува две години гаранција за квалитет“, истакна Јорданов.
Откако надзорот ги констатираше недостатоците, сега изведувачите ќе ги коригираат на нивен трошок. Јорданов потенцираше дека ваквата пракса за жал продолжува да се провлекува како проблем, но за да се спречи истото ќе засилат контролите.
„На трошок на изведувачите коишто во минатото, а и сега повторно ќе ги реализираат и ќе ги изведат сите проекти коишто не се завршени квалитетно. Морам да констатирам дека тоа ни се повторува години наназад, но како одговорна власт нема да дозволиме парите на граѓаните да се трошат нерационално и да завршуваат во неквалитетни проекти. Секој денар на граѓаните треба рационално да се користи и да биде контролиран“, додава Јорданов.
Според Јорданов, Општината нема друг механизам освен да наложи направеното да се поправи. И во иднина ќе постапува согласно со законските процеси, па ако е потребно ќе ја активира и банкарската гаранција, којашто ја имаат доставено изведувачите.
Ребека Спасова М-Нет