
Проблеми со видот и слухот, кардиоваскуларни заболувања и анемија се дел од заболувањата само на текстилните работнички. Здруженијата во пресрет на празникот на трудот се сѐ поактивни во борба за работничките права. Од случај да нема чешми за работниците во компанијата до секојдневно конзумирање лекови за смирување. Овие податоци од бројните истражувања ја покажуваат поразителната ситуација на работните места.
„Земени се 6.447 систематски прегледи на текстилни работници, не зборуваме за другите индустрии, градежништво или слично. Дополнително ние како Здружение заедно со работничките со коишто соработуваме имаме направено истражување на 200 работници, односно анкетно истражување. Систематските прегледи и анкетата укажуваат на истото, единствено што во анкетата работничките си беа послободни, па кажаа дека поради стресовите пијат и апчиња за смирување, поради мобингот и притисокот на работно место. Тоа е дополнително додадено во анализата“, вели Кристина Ампева, претседателка на Здружението „Гласен текстилец“ од Штип.
Високата старосна граница, особено во текстилните компании, е само еден од резултатите на ваквите речиси нечовечки услови за работа, вели Ампева. Оваа индустрија воопшто не ги привлекува младите, што поради платата, што поради условите.
„За Штип да речеме 45, меѓутоа како одите сѐ поисточно, старосната граница е многу, многу поголема. Ова, безбедноста и здравјето при работа, е една од причините, тоа се условите во коишто работите, поради што младите не се многу заинтересирани. Работодавачите, пак, освен да побараат државни мерки, за друго нешто не се грижат нешто особено, некоја автоматизација, да си направат мерење… “, додава Ампева.
На прашањето „колку денес се почитуваат работничките права?“ дел од анкетираните граѓани велат дека ситуацијата и не е така добра. Уцени и закани се само дел од причините поради кои работниците се тивки за своите права.
Први мај како Меѓународен ден на трудот е меѓународен празник кој е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Истиот се одбележува во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго, организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден.
Ребека Спасова М-Нет