
Дел хортикултурно уредени, дел нефункционални, градските фонтани не секогаш се во служба на граѓаните. Една од фонтаните на плоштадот уште од одамна е хортикултурно уредена, другата, пак, е нефункционална веќе некое време. Извор на непријатна миризба и место за смет, со својата нефункционалност, граѓаните уште минатата година беа согласни дека само создава непријатна слика во овој дел од градот. Надлежните беа со став дека фонтаната е една од најскапите во Европа, но дека исто толку скапа инвестиција е истата да се поправи. Сега, новиот в.д. директор на ЈП „Исар“, Трајче Здравков е со став дека фонтаната се чисти, а ќе се бара и решение за истата да се активира.
„Има значи уште една фонтана која ја направија, сами се негираат дека е најскапа. Сега се гледа и таа е само за украс и може да се користи како жардињера, така што ние истата ја чистиме, но ќе мора да најдеме решение како да ја активираме. Нашите служби ќе излезат на терен, таму има проблеми со изведбата, односно со пуштањето на водата. Ако не можеме да ја активираме, ќе најдеме друго решение. Другата фонтана се користи за цветен насад, но се надеваме дека ќе можеме да ја активираме“, рече Здравков.
Во пресрет на повисоките температури ЈП „Исар“ најави функционалност на повеќето чешми и фонтани во градот, но дел од нив се’ уште нема да ја исполнуваат својата функција. Со работењето на овие две фонтани, Здравков потенцираше дека во програмата за следната година ќе се стави и уредување на штипскиот плоштад.
Ребека Спасова М-Нет