Хаџи Јанев: Конфликтот допрва ќе ескалира, а кризата ќе се рефлектира во сите сфери

Сите сакаме конфликтот побргу да заврши, но работите допрва ќе ескалираат, вели уноверзитетскиот професор Методи Хаџи Јанев во врска со конфликтот Русија – Украина. Според него, официјалните изјави покажуваат дека проблемите дополнително ќе се создаваат, особено поради тоа што Русија и Кина се длабоко навлезени во повеќето сектори низ светот.

„Сите би сакале тој конфликт побргу да заврши и проблемите да почнат да се решаваат по мирен пат како што доликува на цивилизираните народи. Меѓутоа, она што го гледаме на терен и од она што го слушаме од официјалните изјави е дека овој конфликт, најверојатно, ќе трае. Мене ми е жал и во неколку наврати истакнав дека почнувам да се чувствувам дека се наоѓаме во 1939 година, ако направиме некоја паралела со Втората светска војна, и дека работите допрва ќе ескалираат. Дај Боже да сум грешка! Меѓутоа, од она што го слушаме и од изјавите кои се фузираат помеѓу Кина и Русија, контрасветот којшто тие го гледаат за нив дека е веќе корумпиран и дека не е тој свет во којшто сакаат тие да живеат, ќе создава дополнителни проблеми, особено затоа што тие се длабоко навлезени во голем дел од региони во светот преку инвестициски фондови, во клучните сектори од живеењето, ако така можам да кажам“, вели Хаџи Јанев.

Хаџи Јанев додава дека треба да се подготвиме на многуте промени коишто ќе следат, а кои ќе бидат негативни и ќе не’ извлечат од зоната на комфорот во којашто досега бевме. Кризата дополнително ќе генерира проблеми надвор од безбедносните, а тие ќе се рефлектираат во сите сектори на живеењето.

„Најверојатно, тоа ќе се случи и сега, иако го чувствуваме само првиот бран. Претпоставувам дека ќе следат ситуации коишто ќе предизвикаат изместување од оној комфорт во којшто бевме доста добар период и за среќа бевме во тој период. И она што треба да се направи е добра стратегија за да се амортизира сето тоа и да се подгне жилавоста на општеството за да може да ги скрати ефектите кои се негативни во секој дел од сферата на живеењето. Тоа ќе го почувстуваме на само од економски аспект, туку и во сите социјални сфери, почнувајќи од образованието, во секојдневниот живот, начинот на којшто ги гледавме досега работите и така натаму“, додава Хаџи Јанев.

Ова е повик либералната демократија да може да ги сузбие тие редови, смета Хаџи Јанев, што според него, засега добро се прави декларативно, но треба и оперативно. Таа да биде попрагматична и да излезе од конфортот во којшто беше досега, а кој е доминација на светската сцена.

Ребека Спасова М-Нет