Типските куќи во Штип во завршна фаза, вработувањето на Ромите се уште проблем

Граѓани во Штип и во 21 век живеат во мизерни услови. Куќите пред распаѓање, услови катастрофални, преживуваат со пари од социјална помош и чекаат ветувањата на надлежните да станат реалност. Трајчо со неговата сопруга сам се снаоѓа за да преживее, вели нема соодветен кров над глава, а нема ниту работа и покрај тоа што сака и може да работи.

„Еве веќе повеќе од две години, ниту станови, ниту куќи ништо. Градоначалникот ветува дека ќе има бараки, а на нас куќата ни се распаѓа. Немеме од каде што, ниту каде да седеме, ниту каде да спиеме. Сакам и работа, нека ми дадат работа, ќе работам не е проблем.“

Најавените 47 типски куќи е проект кој е во завршна фаза, истакна денеска првиот човек на Општина Штип, Иван Јорданов. До крајот на годината се очекува да извршат инфраструктурните активности, а позната е и локацијата која се менуваше неколку пати до сега. 47 ромски семејства ќе добијат кров над глава на локацијата на Радански пат.

„Во овој период од три години очекуваме дека ќе бидат изградени овие типски куќи. Локацијата во неколку наврати се менуваше од минатата година. Сега очекуваме конкретно на Радански пат ќе може да биде локацијата и самата импементација на овие типски куќи. Времетраењето на овој проект ќе биде до јануари 2024 година“ – кажа Адемов.

Реален и вистински проблем за Ромското население претставува и процесот на вработвање. Според Адемов потребна е поголема вклученост на Ромите во јавната администрација, но и во приватниот сектор.

„Можам да кажам дека не се вработуваат припадниците на Ромската заедница и дека овде треба да се посвети повеќе внимание на правичната застапеност на Ромската заедница во јавните институции, но и во приватниот сектор.“ – додаде Адемов.

Со поголема вклученост на Ромското насление во конкуренцијата на пазарот на трудот се овозможува овие лица да бидат дел од општеството и самостојно да можат да се грижат за својот живот.

Лаура Стојанова М-Нет