На сметка на пензионерите 1.000 денари повеќе, според нив – добредојдени се, но не и доволни

Од денеска дополнителни 1.000 денари за пензионерите освен редовните пензии. Пензија повисока за 1.000 денари ќе добијат повеќе од 330 илјади пензионери со исплатата на мартовската пензија преку договорената директна финансиска помош која ќе биде исплатена и во месеците април и мај. Ваквата мерка доаѓа по договорот на Владата со претставници на здруженијата на пензионерите и Партијата на пензионерите, а е дел од 26те мерки за заштита на животниот стандард и за ликвидноста на компаниите. Исплаќањето направи редици во банките, но за пензионерите дополнителните средства се добредојдени, ама не и доволни.

Инаку, подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата и тоа:

За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата ќе се изврши денес;

За пензии со висина 11.001-14.000 денари, утре, на 30 март;

За пензии со висина 14.001-18.000 денари, во четврток, на 31 март;

За пензии со висина над 18.001 денари, во петок, на 1 април.

Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите може да располагаат од 29 март, односно денес.

Во моментов, според последните податоци на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од февруари 2022, во земјава има вкупно 326.646 корисници на пензија. Од нив, старосна пензија добиваат 221.034 корисници, семејна пензија 75.132 корисници, инвалидска пензија 29.470 корисници, воена 940 и земјоделска пензија 70 лица. Според податоците од Фондот, највисока пензија во моментов изнесува 59.674 денари, а најниската пензија е 10.791 денари.

Ребека Спасова М-Нет