
Повеќе тестирани, помалку заразени, но и повеќе починати, покажува неделниот ковид извештај на Институтот за јавно здравје. Во периодот од 21 до 27 март се направени вкупно 16.074 тестирања, што е зголемување од 2,9% во однос на минатата недела. Од тестираните, регистрирани се 1.696 нови позитивни случаи од 33 градови во државата, што е намалување за 7,5% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца има во Кавадарци и Скопје.
Во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 1.738 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување, што е за 1,7% помалку.
Пријавени се 17 смртни случаи во 8 градови со датум на смрт во текот на изминатата недела, што е за 13,3% повеќе во однос на претходната недела. Во однос на возраста, регистрирани се 16 починати од возрасната група над 60 години и еден починат од возрасната група од 50-59 години.
Намалување има и кај реинфекциите за 13,3%, односно пријавени се 268 реинфекции.
Во однос на возрасните групи, пак, заболени лица имало од сите групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, најмалку заболени имало од возрасната група помеѓу 0 и 9 години, а незначително зголемување има кај возрасните групи 50 – 59 и 60+. Кај сите останати групи има намалување, а истото е најнезначително кај групите 10 – 19 и 0 – 9.
Заклучно со вчера, во земјава се направени вкупно 1.955.058 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 305.114, бројот на оздравени пациенти е 294.072, на починати е 9.208, а бројот на активни случаи изнесува 1.834.
Ребека Спасова М-Нет