
Штипскиот универзитет потпиша меморандум за соработка со Македонско – американската алумни асоцијација. Целта е поголема вклученост на студентите во проекти и повици преку американската амбасада, што на крај треба да резултира со нивна повисока стручност и вклученост во областа на студиите кои ги посетуваат.
„Ние сме Македонско – американска алумни асоцијација, којашто е организација во која членуваат алумнисти од програми на Владата на САД коишто се однесуваат претежно на едукација и стручно усовршување. Во нашето членство доминираат луѓе од академскиот свет и затоа денеска со потпишувањето на меморандумот очекуваме интересот од страна на академскиот кадар и студентите од овој Универзитет да се зголемат“, истакна Верица Јорданова, претседател на МААА.
„Верувам дека во наредниот период сите оние повици коишто ќе следуваат од Амбасадата ќе бидат споделени и објаснети и ќе бидат вклучени наши професори и студенти во тие повици. Понатаму ќе разговараме и за можни заеднички соработки за нови проекти сето тоа цел да вклучиме поголем број професори и студенти. Имаме професори коишто биле дел од УГД, а во моментов живеат и работат во Америка, ќе воспоставиме подобра комуникација со нив за да се вклучат и тие“, потенцираше Мишко Џидров, проректор за настава.
Програмите претежно се однесуваат на постдипломските студии кај студентите, односно најдобриот студент добива стипендија. Стремежот е да се опфатат студентите на техничко – технолошките науки, сепак предност се става на успешноста на студентот, а не на областа која ја изучува.
„Во моментов имаме три програми, од кои две се вклучени во образованието. Значи, „Фулбрејт Студент“ програмата, која им овозможува на сите студенти да одат на постдипломски студии во САД и „Фулбрејт Сколар“ програмата, која нуди постдокторски студии за истражување. Таа на академскиот кадар му обозможува да работи и прави истражувања на теми коишто ги интересираат и да предаваат во универзитетите каде ќе бидат гости“, образложи Газменд Илјази, асистент за образовни прашања во Амбасадата на САД.
Конкурсите се за сите кандидати, односно студенти од сите можни области. Меѓу другото, во моментов се доделуваат шест стипендии за постдипломски студии, каде може да аплицираат и студенти кои веќе се на постдипломски или докторски студии во Штип, па сакаат да направат истражување на нивната тема. Како што велат од амбасадата, интересот е на средно ниво, а доколку е поголем, ќе се зголеми и бројот на студенти кои ќе добиваат стипендии.
Ребека Спасова М-Нет