Вечерва концерт на КУД „Ристо Донев – Учителот“ по повод „Четрсе“

Под мотото „да ја зачуваме традицијата“ вечерва штипјани ќе може да го проследат концертот на КУД „Ристо Донев – Учителот“. Традиционално, играорците од ова културно – уметничко друштво со народни ора и песни ќе го одбележат уникатниот и вековен обичај во Штип, Четрсе.

„Како и секоја година, така и оваа КУД „Ристо Донев – Учителот“ по повод празникот „Четрсе“ и Денот на пролетта организира концерт за зачувување на овој обичај кој е влезен во ризницата на Светско нематеријално богатство. Оваа година гости ќе ни бидат КУД „Љубомир Ивановиќ – Геѓа“ од Србија, кое е релативно младо друштво, но се наметна како едно од најдобрите друштва во Република Србија. Тие ќе се претстават со четири сплета, игри од Централна Србија, од Јужна Србија, влашки игри. Нашите играорци, пак, ќе се претстават со „Седенка“ и „Повардарие“, а најмладите членови ќе изведат „Водарки“ и сплет македонски ора. Исто така гости ќе бидат и ВИС „Штипјани““, истакна Баже Донев, претседател на КУД „Ристо Донев – Учителот“.

Меѓународниот концерт за време на пандемијата беше откажан, а предвидено беше гостување на фолклорни друштва од Босна и Херцеговина и Србија. Со вечерашниот концерт традицијата за штипјани продолжува и концертот ќе биде еден од културните настани кои во градот под Исарот ќе се одржуваат деновиве.

„Ова е веќе седми или осми концерт, бидејќи една година или две имавме застој поради пандемијата. Но и покрај тешките услови, оваа година успеавме да се организираме и да поканиме едно друштво од соседна Србија и мислам дека ова како традиција треба да продолжи со вклучување и на градот и на Републиката, на Министерството за култура“, додава Донев.

Поканети се сите заинтересирани кои би сакале да проследат неколкучасовно фолклорно парче. Концертот ќе започне во 18:00 часот, а влезницата за истиот е 100 денари.

Ребека Спасова М-Нет