Колку кочанчани се задоволни од услугата и условите во Општа болница – Кочани?

Општа болница Кочани со болнички и специјалистичко – консултативни услуги ги услужува граѓаните на територија на општина Кочани. Граѓаните во истата имаат на располагање неколку одделенија и повеќе амбуланти за речиси сите потреби. Сепак, за тоа колку се задоволни од услугата и условите зборуваа пред објективот на камерата на М-Нет Телевизија. Условите може и да се подобрат, велат тие, но за услугата на здравствените работници имаат само пофални зборови.

Дека успешно се справуваат и со ковид – кризата согласни се и здравствените работници. Последниот ковид – бран успешно и за кратко време го совладале, а немале ниту недостаток од медицински персонал.

„Во последниот ковид – бран имавме само еден месец пациенти во Општа болница – Кочани. Ковид – одделот работеше со двајца интернисти, двајца општи доктори и по две медицински сестри на смена. Имавме терапија и работевме како Подружница на Штип со тоа што сите пациенти кои ги примавме прво беа прегледени во Инфективното одделение во Штип и беа вратени кај нас со процена дека можат да се лекуваат кај нас, бидејќи ние немаме инфектолог. Овој бран најлесно го поминавме, за разлика од претходните кога работеше и модуларната. Во овој бран сите беа на работа, немаше инфицирани здравствени работници, а мислам дека и сите беа вакцинирани.“ – истакна Јорданка Ангелеска.

Основната мисија на кочанската болница е во иднина да работи како регионална болница од секундарна здравствена дејност со современа апаратура и стручен и обучен тим на доктори.

Ребека Спасова М-Нет