
Такси услуга или јавен превоз? Моменталното вртоглаво растење на цените на нафтените деривати ги става дел од граѓаните во дилема, дали да продолжат да го користат такси превозот по покачени цени или да патуваат со автобус. Меѓутоа во општина Штип таков избор оти нема јавен превоз за штипјани. Пред неколку дена и граѓаните од населба Баби во Штип реагираа дека од голема потреба им е воведување на ваков превоз. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, на кого овој проект му беше и предизборно ветување, истакна дека се работи на проблемот, но мора да се согледаат и секојдневните случувања, односно секојдневната промена на цената на нафтените деривати.
„Знаете дека наше предизборно ветување беше воведување јавен превоз. Ние целата постапка ја проследивме, еве, сега очекувам на следната седница на Совет за неколку дена да се донесе одлука за воведување јавен превоз. Дефинирани се сите услови за јавен превоз којшто треба да функционира на територија на општина Штип. Но она коешто сакам да го споделам е дека тој дел ние ќе го проследиме, сите одлуки ќе ги донесеме. Веќе се поставени јавните постројки за да може тој јавен превоз да функционира. Предвидени се линиите на коишто ќе се одвива тој јавен превоз. Меѓутоа, имајќи предвид дека на дневна основа се менува цената на горивата, сигурно дека ќе биде тешко да се одреди цената којашто граѓаните ќе ја плаќаат за билет. Во вакви услови, во време на нафтена, енергетска криза, мислам дека треба да почекаме со спроведувањето на еден ваков проект, затоа што не може да ја дефинираме цената на билетот, имајќи предвид дека оваа цена треба да биде стимулативна, односно ниска“, истакна Јорданов.
Предвидувањата се јавен превоз на територија на општина Штип и тоа ќе биде регулирано со одлука на Совет, каде ќе се одлучи кои линии ќе функционираат. Но како што истакна Јорданов, сѐ ќе зависи од цената на нафтата која се менува секојдневно. Инаку, за разлика од општина Штип, Кочани веќе има јавен превоз кој е во функција и се користи од страна на граѓаните.
Ребека Спасова М-Нет