
Работилница за читање бајки одржана во штипската библиотека. Првоодделенци од ООУ „Ванчо Прќе“ со наставничката Јованка Кокошкарова преку интересна активност го одбележаа Интернационалниот ден на читање бајки. Омилени сликовници, книги – бајки, кој што прочитал и колку знае, беше тема на разговор помеѓу најмалите и организаторите, нивната наставничка и библиотекарите.
Библиотекарката ја прочита, а учениците внимателно ја слушаа бајката „Принцезата и трите ангелчиња“. Следуваше разговор за содржината, по што следеше поуката „Доброто со добро се наградува“.
Како што истакна библиотекарката Манева, основната идеја – да се доближи книгата до децата се реализира преку вакви и слични активности. Читањето бајки ја буди фантазијата кај децата и поставува основа за вистински развој на детската личност. Работилниците се основна алатка за создавање нова читателска публика, вели Манева, затоа библиотеката најави повеќе вакви активности.
Ребека Спасова М-Нет