Закани со тужби, барања за извинување, продолжуваат препирките во Советот на Општина Кочани

Седницата на кочанскиот Совет и овојпат не помина без препирки. Само што почна, а веќе двајца советници побараа јавни извинувања. Претседателот повика на усвојување на Записникот од шестата седница, а независниот советник Венко Крстевски, со укажување на пропуст во истиот, побара извинување од советникот на ВМРО – ДПМНЕ, Васе Алексов. Во спротивно, најави и покренување правна постапка.

Веднаш по него, советничката на Левица, Жаклина Филиповска – Свеќаровска побара извинување од советничката на СДСМ, Ивана Максимова. Од говорницата на Советот со прашањето за чии паушали седницата се закажа на 31 јануари, а не на 1 февруари, тврдеше дека Максимова ја омаловажувала. На ова Максимова возврати, дека очекувала да го обвини претседателот за откривање лекарска тајна, а не да се препира со неа.

На тема политичка култура и комуникација зборуваше советничката од ВМРО – ДПМНЕ, Кристина Атанасова – Арсова. Како што истакна таа, ако истражувањата, кои даваат оценка три за наведената тема, биле направени по претходната седница, сигурно ќе даделе оцена -3. Но говорот не го дослушаа неколку советници, кои ја напуштија салата и се вратија откако заврши таа.

Инаку, кочанскиот совет постојано работи со препирки и довикувања. Советникот Крстевски поднесе и барање за јавно извинување и повлекување на навредите од советникот Алексов. За Крстевски се бараше болничка кола кога тој ја отвори темата за скандалот во СОУ „Гошо Викентиев“.

Ребека Спасова М-Нет