Пораст во бројот на хоспитализирани ковид пациенти во Штип и Кочани

Пораст во бројот на хоспитализирани ковид пациенти се бележи во штипската и во кочанската болница. Според извештајот од штипската болница во последните 24 часа новопримени се осум пациенти, дома заминал само еден. Со ова бројот на хоспитализирани е 47 од кои 45 на Инфективното и две лица на Кожното одделение, но и 10 пациенти на дневна амбуланта. Од хоспитализираните 36 имаат потреба од кислородна поддршка и се приклучени на апарати за дишење, а вакцинирани се 15 лица. Во изминатото деноноќие битката со ковид 19 ја изгубило едно лице на 67 годишна возраст од Штип. Слободни се 17 ковид кревети, 15 на Инфективното и две на Кожното одделение, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Во кочанската болница во последните 24 часа новопримени се уште две лица, оздравени повторно нема. Според ова бројот на хоспиталиизрани на Интерното одделение при Општата болница Кочани е 11, од кои шестмина се вакцинирани, а пет лица се на кислородна поддршка, потврдуваат од болницата.

Во општините од Истокот моментално активни се 512 ковид случаи, најмногу во Штип 151 и во Кочани 146. Во останатите општини од Истокот бројката е двоциферна, вклучувајќи ги Делчево, но и Македонска Каменица и Пехчево. 92 корона случаи се актини во Делчево, 23 во Каменица и 15 во Пехчево.

Според информации од Министерството за здравство заклучно со вчера во земјата се направени вкупно 1.798.697 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 272.437, бројот на оздравени пациенти е 249.631, на починати е 8.470, а бројот на активни случаи изнесува 14.336.

Лаура Стојанова М-Нет