
Нема договор за минимална плата од 18.000 денари, ССМ утре ќе ги блокира улиците. По три закажани и одложени средби, конечно вчера се разговараше за покачување на минималната плата. Сепак, договор не беше донесен, а дијалогот се одложи за петок по 16:00 часот. Од Владата рекоа дека консензус има. Но за ССМ договорот, изгледа, и не бил толку конструктивен, па тие најавија блокада на улиците. Утре од 13:30 до 14:30 часот ќе ја блокираат главната сообраќајница во Скопје пред седиштето на Организацијата на работодавачи и Стопанската комора.
„Со она што го нудат минималната плата во нето износ би била 16.164 денари што за нас е неприфатливо во никој случај кога знаеме дека минималната синдикална кошничка изнесува 35.040 денари. Затоа утре по завршување на седницата на Советот на ССМ директно излегуваме со целото Претседателство на ССМ и сите штрајкувачки одбори на протест со блокирање на улицата пред седиштето на ОРМ и Стопанската комора на Македонија.“ – истакна Претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
За покачување на минималната плата се и граѓаните. Сепак, анкетираните штипјани велат дека платата на сите работници треба да соодвестува со нивниот труд. Да не се покачи само платата на оние кои земаат минимална, туку и на сите останати сразмерно.
Од ССМ во 16 часот ќе присуствуваат на седница на Економско-социјалниот совет во Владата. А како што вели претседателот Димовски, доколку на истата не ги прифатат барањата за минималната од 18.000 денари и скалесто зголемување на сите плати, ќе излезат на генерален штрајк.
Ребека Спасова М-Нет