
Возила ги узурпираат тротоарите, пешачките премини и зелените површини низ Штип. И покрај празните места на паркиралиштата, граѓаните сѐ почесто за паркинг ги користат патеките за пешаци. Непрописни паркирања многу, а најчесто на паркинг места кои не се под надлежност на ЈП „Стипион“. Реакција на граѓани пристигна до нашата редакција, фотографија од возило паркирано на тротоар кај Здравствениот дом. Дополнително, граѓаните велат дека на тој паркинг често доаѓа до хаос од паркирани возила. Директорот на ЈП „Стипион“, Игор Ефтимов, истакна дека на тој простор немаат надлежност, бидејќи истиот не им е доделен ним со одлука.
„На тој паркинг немаме надлежност да наплаќаме, ниту да ставаме блокатори, бидејќи истиот не ни е доделен со одлука. Во таквите случаи единствено може да реагира сообраќајната полиција. Единствено тие на такви места може да ги санкционираат прекршоците.“ – рече Ефтимов.
Од Секторот за внатрешни работи Штип, пак, велат дека непрописното паркирање е чест прекршок во Штип. Под нивна надлежност е да ги санционираат ваквите прекршоци, бидејќи ЈП „Стипион“ реагира само онаму каде што како претпријатие стопанисува со просторот.
„СВР Штип постојано ги санкционира прекршоците во областа на сообраќајот. Полициски службеници при секојдневните контроли соодветно ги санкционираат прекршоците во областа на непрописното паркирање. Казните за возачите кои непрописно ги паркирале своите возила се движи од 40 до 180 евра, а висината на истата зависи од местото на кое е паркирано возилото, дали е на зелена површина, пешачки премин, тротоар или слично.“ – рекоа од СВР Штип.
Само при вчерашната контрола полициски службеници санкционирале 11 возачи кои непрописно ги паркирале своите возила. Но и покрај казните, низ Штип сѐ почесто може да се забележат непрописно паркирани возила.
Ребека Спасова М-Нет