
Забраната сѐ уште на сила, а граѓаните на своја рака го поминуваат мостот во Карбинци. И покрај поставениот сообраќаен знак, куп песок, но и апелите да не се поминува, граѓаните сѐ уште го користат мостот кој од тежината на возилата сѐ повеќе попушта. Од Секторот за внатрешни работи – Штип велат дека постапуваат во однос на ваквите прекршоци, постојано се врши контрола, а досега се санкционирани голем број возила.
„СВР Штип го санкционира секое прекршување на сообраќајните правила и прописи. Во случајот станува збор за прекршување во областа на безбедноста во сообраќајот. Ние секојдневно го контролираме тој потег таму, полициски службеници вршат контроли и ги санционираат возачите кои ја прекршуваат забраната. Казната за непочитување на сообраќаен знак е 45 евра. Наши екипи ќе продолжат секојдневно да контролираат и да ги санкционира прекршувањата. “ – рекоа од полицијата.
Според градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, поништување на забраната и дозвола за минување ќе има по реконструкцијата на мостот, за што од нивна страна има проект и за регулација на речното корито.
„Да, по негова реконструкција ќе се пушти. Ние паралелно со реконструкцијата имаме проект за регулација речното корито со тоа што ќе се регулира течението на реката над мостот и под мостот. Со тоа ќе се спречат поголемите штети какви што имавме сега. Мора да се спречи големите води да направат оштетување“, рече Паунов.
Но за ова, веројатно, ќе се чека уште. Како што вели Паунов, од Министерството допис за дозвола за увид и контрола на речното корито нема. Владата не реагирала на апелите од Општината, поради што за одреден рок ќе се реализираат и најавените протести.
„Повеќе од триесетина дена откако побаравме како Локална самоуправа дозвола за да се направи увид, односно да се дислоцира самото речно корито за да направат инженерите увид, веќе 30 дена го чекам овој допис. Сè уште немаме никаков сигнал од таму. Јас најавив дека ќе има и протести и пак ќе го повторам истото. Ќе дадеме уште некој период како рок. Доколку не се интервенира од нивна страна, ние сме подготвени да преземеме сами мерки, да излеземе на улица, да најавиме и поголеми протести. Опструкциите од страна на Владата кон Локалните самоуправи не се коректни, затоа што овие проблеми не допираат сите, не избираат. Овој мост е клучна артерија помеѓу Карбинци и останатите општини, така што во следниот период ќе имаме поголеми реакции во однос на ова прашање“, додаде Паунов.
Мостот кој ги поврзува селата Долни Балван и Таринци попушти откако надојде Брегалница пред речиси месец и половина. Оттогаш на сила е и забраната за поминување на возила и пешаци, бидејќи беше утврдено дека истиот претставува закана за нивната безбедност.
Ребека Спасова М-Нет