Речиси илјада активни ковид случаи во Истокот, во Штип слободни само шест ковид кревети

Бројот нахоспитализирани ковид пациенти на штипското Инфективно одделение достигна до 54. Според последниот извештај од болницата во последните 24 часа новопримени се девет пациенти, дома заминале осум. Од хоспитализираните 54, 40 имаат потреба од кислородна поддршка и се приклучени на апарати за дишење, а вакцинирани се шест лица. Намален е бројот на амбулантски прегледи однсоно во изминатото деноноќие прегледани се 69 пациенти. Нема починати лица, а бројот на слободни ковид кревети е 6 на Инфективнот одделение, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Во кочанската Општа болница на Интерното одделение кое работеше како ковид оддел нема хоспитализирано ковид пациенти, иако бројот на активни ковид случаи надминува 200, потврдуваат од болницата.

Во општините од Истокот бројката на активни ковид 19 надмина 900, односно во моментот има заразено 918 корона пациенти. Три општини се со троцифрена бројка активни ковид случаи, односно во Штип има 305, во Кочани 228 и во Делчево 135. Во Берово има активни 98 корона пациенти, а двоцифрена е бројката и во Македонска Каменица и Пехчево каде има активни 40 односно 26 ковид случаи.

Според информации од Министерството за здравство заклучно со вчера во земјата се направени вкупно 1.733.866 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 252.947, бројот на оздравени пациенти е 225.056, на починати е 8.177, а бројот на активни случаи изнесува 19.714.

Лаура Стојанова М-Нет