Јорданов на посета во штипската гимназија, училиштето подготвено за второто полугодие

Штипската гимназија беше прва во низата средни училишта во Штип предвидени за посета од страна на градоначалникот Јорданов. При денешната посета тој ги увиде тековните активности, односно реконструкцијата на тоалетите во училиштето. Истовремено, со директорката, Весна Ристова, разговараа за подготвеноста на училиштето за второто полугодие од тековната учебна година.

„Денес сме на посета во Гимназијата „Славчо Стојменски“, правиме посета и запознавање со моменталната состојба во разговор со директорката на Гимназијата. Ги проследивме моменталните состојби и подготовките за почеток на второто полугодие од учебната година. Наша стратегија во иднина ќе биде да направиме план и стратегија за привлекување на ученици од другите околни градови за поголем број ученици да го стекнуваат образованието во нашиот град“, истакна Јорданов.

Директорката Ристова истакна дека тие како училиште се подготвени за почетокот на второто полугодие и покрај тоа што истото е одложено за две недели. Како што истакна таа, се спроведуваат последните заврши активности при реконструкцијата на тоалетите, а училиштето се подготвува за настава со физичко присуство, која во изминатава година се покажа како поефективна.

„Овој период по Нова година го искористивме за подготовка на училиштето и во тек се некои тековни активности, односно санирање и реконструкција на санитарните јазли, при крај сме со тие подготвени. Видовме дека од онлајн наставата од минатата година не беше многу ефективна, а недостатоците се согледоа со почетокот на оваа учебна година. Затоа и јас и целиот наставен кадар сме на мислење дека физичката настава ништо не може да ја замени“, истакна Ристова.

Како што додаде Ристова, освен тековните активности, предмет на работа во претстојната година ќе биде развој на гимназијата и воспитно – образовниот процес.

Градоначалникот Јорданов посетата на средните училишта ќе ја продолжи во текот на наредниот период со цел запознавање со моменталната состојба, како и условите за одвивање на наставата.

Ребека Спасова М-Нет