
Завршени последните подготовки во очи на утрешниот празник Богојавление Водици. Откако во текот на вчерашниот ден беше исчистен теренот околу река Брегалница во штипско Ново село, утринава се косеше тревата, се чистеа грмушки и дрвја кај мостот во населба Осми Ноември.
Имено, ова се двете локации на кои утре ќе се положува светиот крст во водите на Брегалница. Директорот на ЈП Исар, Трајче Здравков истакна дека тие се подготвени за утрешниот настан.
„По повод утрешниот празник Богојавление Водици екипите на ЈП „Исар“ денес се ангажирани во средување на коритото околу реката Брегалница. Значи екипи на Водовод и канализација, Паркови и зеленило, Комунална хигиена работат на кастрење на гранките, собирање на сметот околу реката се со цел верниците утре да ги собере во што поголем број и да присуствуваат на свечениот, на традиционалниот чин на фрлање на крстот во водите на река Брегалница. Вчера го уредивме просторото околу коритото на река Брегалница во штипско Ново Село, денес сме овде во наслеба Осми ноември“ – кажа Здравков.
Светиот крст во водите на Брегалница во Штип ќе се положува на традиционалните две локации. Се уште е во тек пријавувањето на верниците кои сакаат да се фрлаат по светиот крст. Досега според информации од црквата во Ново Село заклучно со 11 часот се пријавиле 17 верници, но се очекува бројот до утре наутро да биде многу поголем. Од таму информираат дека од годините наназад истиот достигнувал и до 50. Минатата година заради ковид пандемијата светиот крст не се положуваше во водите и езерата низ државата.
Лаура Стојанова М-Нет