Денеска се празнува празникот Водокрст во очи на Богојавление – Водици и е строг пост

Денеска православната црква го празнува празникот Водокрст или ден пред Богојавление. Во Светата Црква се воспева силата и моќта на Крстот. Се врши крштевање на водата и таа со силата на Светиот Дух добива лековита моќ. Пред секој поголем христијански празник Црквата одредила пост, па така денеска е строг пост за верниците во очи на празникот Богојавление – Водици.

„Пред секој голем христијански Христов или Богородичен празник Светата Црква устроила пости. И овој празник е исто така голем, но скоро беше раѓањето на Христа и уште се радуваме на Неговото доаѓање во тело, па Црквата немало време да воспостави пост, воспоставила само еден ден, односно денешниот ден, меѓу народот познат како Водокрст или строг пост“, вели свештеникот Добрица Јанев.

Ден пред големиот христијански празник Богојавление – Водици, на празникот наречен Водокрст секоја година се извршува голем богојавленски водосвет. Водата беше достапна за верниците пред црквата во Ново Село во Штип, а истата се зема наутро на гладно.

„Денес и утре се прави голем богојавленски водосвет т.е. водосвет кој се прави двапати во годината. Оваа вода меѓу народот се нарекува агијазма. Оваа вода се користи исклучиво на гладно срце. Може да се напиеме од неа наутро кога сме гладни, а другата светена вода која се осветува на мал водосвет се користи во текот на целиот ден“, додава Јанев.

Водокрст паѓа во очи Богојавление и секогаш е посен ден, без оглед на тоа во кој ден од неделата се паѓа. Во некои краеви постои обичај да се стави крст во вода и да се однесе во црква. Ако крстот замрзне, се верува дека годината ќе бие родна и здрава, а во спротивно, ќе донесе многу болести. Овој празник менува ден, но не и датум и секогаш е на 18 јануари.

Ребека Спасова М-Нет