Замрзнати улици причина за сообраќајни незгоди, кое е решението во Штип

Ниските температури во текот на ноќта и раните утрински часови, помрзнувањето на улиците причина за зголемен број на сообраќајни незгоди во Штип. Според информации на М-Нет денеска во раните утрински часови се случиле три сообраќајни незгоди, односно три возила излетале од патот поради замрзнатите улици. Во СВР Штип пријава има само за една.

„Во СВР Штип, има пријава од граѓани за случена сообраќајна незгода утринава на улица „Генерал Михајло Апосотолски“ пред Основен суд Штип автомобил удрил во заштитната ограда на мостот. Нема повредени само е причинета голема материјална штета“ – кажаа од СВР Штип.

Како да се спречат сообраќајните незгоди поради замрзнатите улици и дали екипи на ЈП Стипион имаат активности за фрлање на сол го прашавме директорот на претпријатието Игор Ефтимов. За М-Нет телевизија тој кажа дека главните улици во градот под Исарот посотојано се посолуваат, а сол се фрла и на споредни улици, но пред се по пријави од граѓани.

„Од кога почнаа нискиве температури во нашиот град, екипите на ЈП „Стипион“ постојано, скоро секоја вечер излегуваат на терен. Со соларката постојано фрламе сол и имаме пријави од граѓаните, последниве денови улицата Личка, улицата Вардарска и нашите екипи директно излегуваат на терен, постиламе сол и доколку има потреба повторно излегуваме“ – кажа Ефтимов.

Ниски вечерни и утрински температури се најавуваат и за во наредните денови, па и од АМСМ апелираат до граѓаните да возат внимателно почитувајќи ги сообраќајните правила и прописи, но и прилагодувајќи се на условите по патиштата.

Лаура Стојанова М-Нет