
„Работи за кои не зборуваме“ е претставата која вечерва ќе се прикажува во штипскиот дом на култура. Станува збор за необичен концепт креиран преку пишување анонимни доживувања, кои се, како што кажува и самиот наслов, работи за кои не зборуваме. Обработува теми и проблеми од балканско тло, кои се јавуваат како сѐ почести, а чија критика е главната поента во претставата.
„Насловот е „Работите за кои не зборуваме“, а се работи за една нестандардна претстава, којашто не е работена по драмски текст, туку е колаж од анонимни приказни на луѓе што имале конкретни проблеми, кои ги споделија со нас преку анонимен повик, со авторски монолози коишто актерите сами ги напишаа за потребите на претставата и извадоци од медиумски материјали. Значи, тоа е збир на неколку сцени коишто публиката вечер може да ги види“, истакна режисерката, Нела Витошевиќ.
Режисерката и актерите истакнаа дека се особено задоволни од процесот, зашто и за нив ова еден нов и необичен начин на работење, а сепак реакциите на публиката покажуваат дека е успешен и ефективен.
„За мене многу е значителна, заради тоа што првпат учествувам во ваков процес во којшто не работиме на конкретен драмски текст, туку го пишувавме сами и собиравме приказни од анонимни луѓе. Сето тоа да се преземе таа одговорност, нечии трауми да се преведат во драмско дело, во театарска претстава, мислам, беше огромна чест што тоа го работиме“, истакна актерката Драгана Костадиновска.
Претставата во изминативе два месеца се играше во и вон државата, низ повеќе градови. Како што велат, сите играња биле поздравени со овации, а картите распродадени, што покажува дека се работи за една универзална тема која се прилагодува на различни групи луѓе.
„Последниов месец бевме на една балканско – европска турнеја. Бевме во неколку градови во Македонија, во Србија, во БиХ и во Полска“, додава Костадиновска.
„Интересот секаде беше одличен, како и приемот од публиката. Темата е толку универзална и толку комуницира со која било публика што едноставно ја прима како своја, секој се пронаоѓа во неа и на посебен начин го допира“, додава Витошевиќ.
Претставата ќе се игра вечерва во Дом на култура „Ацо Шопов“ – Штип, картите не се распродадени и заинтересираните сѐ уште можат да ги набават по цена од 100 денари.
Ребека Спасова МНет