
Временските прилики – причина за нови животни услови во зоолошката во Штип. Интeнзивните врнежи од дожд и слабиот снег, како и намалувањето на температурите придонесоа за нови, надвор од нормалните, животни услови за животните стационирани во ЗОО паркот „Бриони“ во Штип.
Меѓутоа, простор за паника нема, информираат вработените во зоолошката и в.д. директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков. Студеното време и дождот од изминатите денови не придонесе за нарушување на нормалниот тек на работа во паркот. За животните е обезбедено доволно храна, како и покриени живеалишта кои нудат потопли услови за секое животно.
„За животните во ЗОО паркот „Бриони“ во Штип нашите екипи во зимниот период ги хранат со поквалитетна и поквантитетна храна, односно во поголемо количество. Животните ги храниме со сено, со пченица, со јачмен, со пченка. Тоа им дава ним топлина. Исто така секое животно има и свое живеалиште, коешто е обложено со слама, што исто така им дава топлина во зимските денови. Доколку процениме дека условите се многу екстремни, тогаш нашите тимови ќе ги затворат животните во своите живеалишта додека не се покачат температурите“, истакна Здравков.
Кога се работи за прибирање на доволно количество на храна за животните, сѐ уште е актуелна старата пракса за собирање на остатоци од храна по завршување на пазарните денови, но зголемен е и обемот на приватни донации на храна од приватните субјекти, додаде Здравков. Во изјавата за М-Нет Телевизија в.д. директорот најави и дека се работи на преговори за доведување нови атрактивни животни кои досега граѓаните немале можност да ги видат во штипската зоолошката градина.
„Сакам ексклузивно да најавам дека во наредниот период во преговори сме да донесеме уште два – тра вида животни коишто досега не биле дел од ЗОО паркот „Бриони““, додаде Здравков.
Како што додаде Здравков, посетеноста во зоолошката градина е на задоволително ниво за овој период од годината, а најголем број на посетители имаат за време на викендите.
Ребека Спасова МНет