
Напуштањето на седниците на Советот на Општина Штип од страна на советниците од СДСМ се со причина. Со оглед на фактот дека овие советници сѐ уште ја немаат потпишано свечената изјава, со тоа немаат ниту право на глас одлучиле да ја напуштат и четвратата седница на Советот. Ова го потврди координаторката на советничката група на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ, Маријана Рогожарска Поповска, која беше дел од нашата емисија „Зум анализа“. Како што истакна таа, ќе се чекаат конечните одлуки од страна на Државниот инспекторат за Локална самоуправа, па потоа ќе се одлучува како и каде ќе се потпишат свечените изјави.
„Токму од ова решение е ставот на нашата советничка група. Во петокот на координацијата бев повикана како координатор на советничката група на којашто ги изнесовме своите ставови пред инспекторот во однос на тоа дали и кој постапил. Меѓутоа, не бевме дел од надзорот. Имавме кратка кооридинација на којашто ги изнесовме ставовите, по што инспекторот продолжи со контролниот надзор во којшто требаше да му бидат доставени документацијата, начинот, извештајот, постапката, што и како е донесено. Имајќи предвид дека и тогаш кажав дека и во решението има дел којшто не засега нас врз основа на што и поднесовме иницијатива за легитимитетот на втората и третата седница. Доколку решението вели да бидат повторена конститутивната седница, отвора прашање дали и другите одлуки ќе бидат легитимни“, вели Рогожарска – Поповска.
За да се реализираат приоритетните проекти на градот под Исарот, Поповска истакна дека се залагаат сите советници и во тоа нема дилема. Истовремено, посочи дека понатаму ќе постапуваат согласно со одлуките на Инспекторатот, односно ако не треба да се повторуваат седниците, нема да се повторат.
„Нашето видување е дека треба да се повторат. Сепак, ќе ги почитуваме одлуките на надлежните институции коишто се одговорни за спроведување на законитоста и уставноста на сите дејствија и акти коишто се донесуваат. Ние упативме известување до решението дека го немаме повторено потпишувањето, бидејќи и првиот пат не ја потпишавме изјавата. Ќе постапиме согласно со тоа какви насоки ќе ни дадат“, додаде Рогожарска – Поповска.
Поповска додаде дека се надева оти до крајот на овој месец, до седницата за донесување на Буџетот, недоразбирањата во Советот на Општина Штип ќе бидат надминати и ќе се продолжи заеднички со работа во интерес на граѓаните.
Лаура Стојанова МНет