
Нов парк добиваат и жителите од населба Сењак во Општина Штип. Директорот на ЈП „Исар“ Трајче Здравков утринава кажа дека доколку ги послужат временските услови за две недели треба да се постави одвод и довод, водовод и канализација, како и поставување на бекатон плочки, а за месец дена и жителите од оваа населба ќе може да уживаат во нов парк, кој ќе биде опремен со спортски и детски реквизити, зеленило и слично.
„ЈП „Исар“ Штип продолжува со активностите за изградба на нов парк во населба Сењак со што жителите на оваа населба и штипјани ќе добијат едно ново катче за одмор и рекреација. Со интезивни активности овој парк ќе биде приоритет на јавното претпријатие. На овој дел ќе има справи за вежбање, за најмалите че поставиме нови реквизити, за постарите летниковци, како и шаховска табла за спорт и рекреација“ – кажа Здравков.
По барање на граѓаните отворена е и можноста освен засега предвиденото паркот да се доуреди, односно да се прифатат и нивни идеи. Паркот ќе биде и хортикултурно уреден.
„После долги години редно е и оваа населба да добие парково место. Ќе има летниковци каде постарите ќе можат не само да играат шах, и табличка да се дружат, мезе, ракиичка. Хортикултурно ќе почне веројатно ако не успееме до крајот на оваа година, после нова година со нови садници со нови дрвја, оплеменето со цвеќе“ – додаде Којзеклиски.
Овој парк беше предвиден и од страна на претходниот директор на ЈП „Исар“ Здравко Коцев, кој истакна дека местото ќе биде уредено, а жителите ќе добијат нов парк. На прашањето дали паркот останува да се прави исто како што беше предвидено од Коцев, новиот директор кажа дека имало промени.
Новиот парк во населба Сењак е со инвестициона вредност од еден милион денари.
Лаура Стојанова М-Нет