Започна чистењето на дивите депонии во Карбинци

Дивите депонии проблем за граѓаните како во урбаните така и во руралните средини. Во Општина Карбинци од денеска практично започна чистењето на една од дивите депонии, а по завршување на првата фаза чистење, ќе се премине на втора фаза дислокација. Брзината и темпото на работа ќе зависат од временските услови, посочи градоначалникот Виктор Паунов. Впрочем, чистењето на дивите депонии беше и предизборно ветување на Паунов.

„Денес започнуваме со ова првично уредување на дивите депонии кои се на територија на Општина Карбинци. Овие депонии кои што како што и ветивме во предизборната кампања дека ќе ги уредуваме во прва фаза со уредување на овој смет се до втора фаза дислокација. Од денес па натаму започнуваме со оваа активност, во текот на наредната недела се надевам дека ќе ги завршиме и оние неколку други депонии како во Таринци и Аргулица. Доколку ни дозволуваат временски услови до крајот на годината се надевам дека ќе го исполниме практично и ова ветување“ – кажа Паунов.

Колку граѓаните ќе се придржуваат до одржување на чисти локации, и не создавање на диви депонии градоначалникот не може да знае, но во оваа прилика тој упати апел со цел животната средина да се одржува чиста.

Ова не е единствената депонија во Карбинци, но најавта на Паунов е дека сите ќе бидат исчистени, со што сликата од диви мини депонии ќе биде минато, а истовремено ќе се зачува чиста животна средина.

Лаура Стојанова М-Нет